Министерот за здравство Сашо Клековски денеска во Собранието одговори на првото пратеничко прашање упатено до него, кое го постави пратеничката Сања Лукаревска.
Прашањето се однесуваше на актуелната состојба со западнонилската треска, како и на мерките што Министерството за здравство ги презема за заштита на учениците и останатите категории граѓани кои се изложени на поголем ризик.
Во своето обраќање, Клековски ги презентираше активностите за контрола на комарците, како и препораките и мерките за лична заштита на населението.
Тој истакна дека посебно внимание е насочено кон лицата постари од 60 години, кои се сметаат за најризична група кога станува збор за западнонилската треска. Поради тоа, информативната кампања и препораките за заштита се фокусирани токму на оваа категорија граѓани.
Министерот нагласи дека пратеничките прашања претставуваат важен механизам за отчетност на институциите и можност за директна комуникација со јавноста преку избраните народни претставници.
„Пратеничките прашања не се формалност — тоа е местото каде што министерот директно им полага сметка на граѓаните преку нивните избраници“, изјави Клековски.
Тој ѝ се заблагодари на пратеничката Сања Лукаревска за поставеното прашање, оценувајќи дека отворената и транспарентна институционална комуникација е важна за навремено информирање на јавноста.
