Советот на јавните обвинители денеска треба да одржи седница на која ќе бидат формирани комисиите потребни за спроведување на постапката за избор на нов основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
На 50-тата седница, според објавениот дневен ред, предвидено е формирање на Комисија за подготвување кандидатски листи, како и Комисија за избор на основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК.
За функцијата досега се пријавени петмина јавни обвинители. Кандидатурите ги поднеле вишиот јавен обвинител Јове Цветановски, обвинителот во Вишото јавно обвинителство и поранешен обвинител во Специјалното јавно обвинителство Трајче Пеливанов, обвинителката од Основното јавно обвинителство Скопје Лидија Раичевиќ, како и обвинителите од ОЈО ГОКК Искра Хаџи-Василева и Фатон Азизи.
Огласот за избор на нов раководител на ОЈО ГОКК беше распишан согласно Законот за Советот на јавните обвинители и Законот за Јавното обвинителство.
Право на кандидатура имаат јавни обвинители кои имаат најмалку шест години непрекинат стаж во обвинителската функција до моментот на пријавувањето, како и позитивна оценка од работењето во последните три години.
Изборот на новиот основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК е предвидено да се одржи на 28 октомври 2026 година.
Постапката се спроведува поради истекување на мандатот на актуелниот раководител на обвинителството, Ислам Абази, кој на функцијата беше избран во октомври 2022 година.
