Филипинските спасувачи по повеќе од 40 часа успеаја да влезат во опожарениот траект „MV June Aster“, додека потрагата по исчезнатите продолжува.
Во несреќата загинаа пет лица, 43 се спасени и главно се хоспитализирани, а по 84 лица сè уште се трага. Бројот на исчезнати е намален од 86 на 84 откако властите утврдиле дека две лица од списокот на патници воопшто не се качиле на бродот.
Спасувачките екипи од средата не можеле да влезат во внатрешноста поради екстремно високите температури, густиот чад и отровните гасови. Областа на потрагата е проширена, а во операцијата се вклучени еден од најголемите бродови на крајбрежната стража, нуркачи и медицински екипи.
Според првичните разговори со преживеаните, пожарот најверојатно избувнал во товарниот простор, каде се наоѓале контејнери и друга стока.
Филипинската поморска управа почна истрага, при што се проверуваат списокот на патници, начинот на кој бил натоварен товарот и почитувањето на протоколите за итни случаи. Траектот бил изграден во 2002 година, имал важечки безбедносни сертификати и последната инспекција ја поминал во март годинава.
