Специјализираното обвинителство денеска побара од Специјализираните совети во Хаг да го прогласат за виновен и да му изречат казна од шест години затвор на поранешниот политички лидер на таканаречената ОВК, Хашим Тачи, за кривични дела поврзани со попречување на правдата.
Предлогот за висината на казната беше изнесен во рамки на завршните зборови на обвинителството, кое во постапката го застапува обвинителот Џошуа Хефец.
Обвинителството за соработникот на Тачи, Хајредин Кучи, побара казна од девет месеци затвор, додека за Фадил Фазлиу, Исни Килај и Башким Смакај предложи затворски казни од по три години.
Обвинителот Хефец истакна дека барањата за осудителни пресуди се темелат на доказите и фактите презентирани во текот на судската постапка.
„Врз основа на сите докази и факти, обвинителството бара од Вас, Почитуван судијо, да ја донесете единствената пресуда што е во согласност со законот, доказите и овие факти“, изјави Хефец.
Тој побара обвинетите да бидат прогласени за виновни по сите точки од обвинението, а при определувањето на казните судот да ги земе предвид тежината на делата, нивната сериозност и сите останати релевантни околности.
Информацијата ја пренесе српската новинска агенција „Танјуг“.
