Општина Нисирос, мал остров во југоисточниот дел на Егејското Море, воведува еднократна финансиска помош од 3.000 евра за секое новородено дете, со цел да се спречи намалувањето на бројот на жители.
Мерката е предложена од градоначалникот Христофис Коронаиос и едногласно е усвоена од општинскиот совет. Право на помош ќе имаат семејствата кои се регистрирани во општината и имаат постојано живеалиште на островот во моментот на раѓањето на детето.
Од општината информираат дека станува збор за максималниот износ дозволен според новиот грчки Закон за локална самоуправа. Средствата ќе бидат ослободени од данок и нема да влијаат врз условите за користење други социјални бенефиции.
За реализација на програмата, во општинскиот буџет за 2026 година веќе се издвоени 9.000 евра, со што мерката може веднаш да започне.
Локалните власти разгледуваат и дополнителна поддршка од 150 евра месечно за секое дете до наполнување на петгодишна возраст, но оваа мерка сè уште не е официјално усвоена.
Градоначалникот Коронаиос посочи дека целта е да се поттикнат младите семејства да останат на островот и таму да ја градат својата иднина, со што би се ублажил негативниот демографски тренд што ги погодува малите грчки острови.
Општина Нисирос наведува дека финансиската помош е дел од поширока стратегија за поддршка на младите и зачувување на населението на островот.
