Силно невреме проследено со обилни врнежи од дожд и силен ветер денеска ја зафати Словенија, а нестабилното време во текот на денот се прошири и кон Хрватска, каде што веќе се регистрирани поројни дождови и силни налети на ветер.
Во Словенија, најсилните удари на ветерот беа измерени во Љубљана, каде што на метеоролошката станица Бежиград достигнаа 91 километар на час. На планината Канин бил регистриран налет од 103 километри на час, додека по должината на брегот ветерот достигнувал околу 50 километри на час.
Поради невремето, неколку стотици домаќинства во областите Домжале, Литија и Камник останаа без електрична енергија. Пожарникарите интервенирале на повеќе локации поради паднати дрвја и оштетувања предизвикани од силниот ветер, меѓу кои Брезовица, Домжале, Грошупље, Хорјул, Комен, Лашко, Литија и Љубљана.
На социјалните мрежи се појави видео од населбата Табор во Љубљана, на кое се гледа како велосипедист за малку избегнува да биде погоден од голема гранка што паднала за време на невремето.
Поради паднати дрвја на железничката инфраструктура, воведен е заменски автобуски превоз на линијата Литија – Трбовље и обратно, кој ќе функционира до нормализирање на состојбата.
Словенечките метеоролози најавуваат дека студениот фронт ќе остане над земјата до петок наутро, а Геолошкиот завод предупреди на зголемен ризик од појава на свлечишта, особено во западните и југозападните делови на државата.
Невремето веќе ја зафати и Хрватска. Во Риека се регистрирани обилни врнежи од дожд, додека силен ветер дува во Загреб. Според метеоролозите, најизразените бури се очекуваат во северниот дел на Јадранот.
Радарските снимки покажуваат широк појас на врнежи што се протега од Словенија преку централна Хрватска кон Кварнер и северниот Јадран. Во поединечни подрачја се очекуваат интензивни врнежи, силни налети на ветер и големи количества дожд за краток временски период.
За регионот на Риека, како и за Истра и Кварнер, на сила е портокалово метеоролошко предупредување.
