Скопје синоќа беше домаќин на еден од најголемите музички спектакли во последните години, откако светски познатиот диџеј и продуцент Дејвид Гета настапи во преполната Арена „Тодор Проески“ по повод 35 години од независноста на Македонија.
Во организација на Авалон продукција, илјадници посетители уживаа во незаборавна вечер исполнета со врвна музика, моќна сценска продукција, светлосни ефекти и енергија каква што ретко се доживува на домашната музичка сцена.
Концертната вечер започна со настапите на SEMPRE и DJ Nikifor, кои успешно ја загреаја атмосферата и ја подготвија публиката за главниот настап.
Кога на сцената се појави Дејвид Гета, арената експлодираше од воодушевување. Францускиот музички мегастар изведе дел од своите најголеми светски хитови, а публиката од првата до последната минута пееше, танцуваше и уживаше во спектакуларното шоу.


Настапот на Гета претставуваше кулминација на прославата по повод 35-годишнината од независноста на Македонија, давајќи му на јубилејот меѓународен и спектакуларен карактер.
Со современа сцена, врвна аудио-визуелна продукција и настап на едно од најголемите имиња во светската електронска музика, Авалон продукција приреди вечер која долго ќе остане во сеќавањето на македонската публика.
Скопје ја одбележа независноста на најдобар можен начин – со музика, позитивна енергија и спектакл каков што заслужуваше овој голем јубилеј.
