Голем шумски пожар избувна во турската провинција Анталија, на медитеранскиот брег на југот од земјата, поради што беа евакуирани стотици жители, а најмалку две лица се повредени.
Пожарот започнал во текот на ноќта во областа Аксу, а поради силниот ветер огнената стихија брзо се проширила кон соседната област Кепез.
Две лица биле хоспитализирани со повреди на нозете, додека на уште шест лица им била укажана медицинска помош поради проблеми предизвикани од вдишување чад.
Поради опасноста од ширење на пожарот, евакуирани биле жители од најмалку 254 куќи. Привремено бил затворен и патниот правец што ги поврзува Анталија и Испарта, а повеќе од 2.000 домаќинства останале без електрична енергија.
Спасувачките екипи евакуирале и повеќе од 100 кучиња од засолниште во Аксу, поради опасноста од пламените јазици и густиот чад.
Во гаснењето на пожарот се вклучени големи ресурси. На терен се ангажирани пет противпожарни авиони, 10 хеликоптери, 110 противпожарни возила и околу 600 припадници на службите за гаснење и спасување.
Надлежните продолжуваат со борбата против огнената стихија, а силниот ветер дополнително ја отежнува интервенцијата.
