Министерството за внатрешни работи информира дека во текот на изминатото деноноќие, на повеќе локации низ државата, полициски службеници лишиле од слобода 11 возачи поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“ според член 297-а од Кривичниот законик.
Од МВР соопштуваат дека 10 од уапсените лица управувале возила без положен возачки испит, додека едно лице било приведено поради управување возило под дејство на алкохол.
Меѓу лицата кои возеле без возачка дозвола се и лица од Скопје, Битола, демирхисарско, Прилеп и кочанско, а приведен е и 40-годишниот М.К. од Македонски Брод, кој управувал возило под дејство на алкохол.
По целосно документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР упатија апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не управуваат возила без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол.
„Само со одговорно однесување на сите учесници можеме заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од Министерството за внатрешни работи.
