НАТО упати честитка до Македонија по повод 8 Септември – Денот на независноста, одбележувајќи го националниот празник на една од своите земји-членки.
На официјалниот профил на Северноатлантската алијанса на социјалната мрежа X беше објавена честитка до граѓаните на Македонија, која од март 2020 година е полноправна членка на НАТО.
Честитката е објавена на денот кога Македонија одбележува 35 години од референдумот за независност од 8 септември 1991 година, кога мнозинството граѓани се изјаснија за суверена и самостојна држава.
Македонија официјално стана 30-та членка на НАТО на 27 март 2020 година, кога во Вашингтон беше депониран инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор.
Само неколку дена подоцна, на 30 март, македонското знаме беше подигнато пред седиштето на НАТО во Брисел, како и во командите на Алијансата во Монс и Норфолк.
Со членството, Македонија стана дел од системот на колективна одбрана на НАТО, предвиден со членот 5 од Северноатлантскиот договор, според кој напад врз една земја-членка се смета за напад врз сите сојузници.
Оттогаш, припадниците на Армијата активно учествуваат во повеќе мисии и операции на Алијансата.
Честитката доаѓа само неколку месеци по посетата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на Скопје.
При посетата во март годинава, Руте ја оцени Македонија како ценет и сигурен сојузник, нагласувајќи дека македонските војници придонесуваат во истурените сили на НАТО во Бугарија и Летонија, како и во мировната мисија КФОР на Косово.
Тој ја поздрави и определбата на државата да издвојува повеќе од два проценти од БДП за одбраната.
Покрај НАТО, честитка по повод Денот на независноста упати и американскиот државен секретар Марко Рубио.
Во својата порака, Рубио ја нарече Македонија доверлив американски сојузник и партнер, истакнувајќи го придонесот на земјата во регионалната безбедност и стабилност.
Тој ја потенцираше и економската соработка меѓу двете држави, посочувајќи ги енергетиката, инфраструктурата и технологијата како области со потенцијал за натамошно продлабочување на партнерството.
Честитки по повод 35-годишнината од независноста пристигнаа и од Обединетите Арапски Емирати, каде претседателот шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан испрати пораки до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и до премиерот Христијан Мицкоски.
