Со почетокот на новата учебна година во Австрија започна да се применува законската забрана за носење хиџаб за ученички помлади од 14 години. Мерката важи и за државните и за приватните училишта.
Забраната е дел од измените на австрискиот Закон за образование и официјално стапи во сила на 1 септември 2026 година, со стартот на учебната 2026/27 година. Таа се однесува на ученички до нивниот 14-ти роденден и важи во училишните објекти и дворовите, но не и за наставата или активностите што се организираат надвор од училиштето.
Австриските власти наведуваат дека целта на мерката е да се заштитат слободниот развој, еднаквоста и самостојноста на девојчињата.
Министерката за интеграција и култура, Клаудија Бауер од Народната партија (ÖVP), изјави дека детскиот хиџаб претставува „знак на потчинетост“ и средство за контрола на девојчињата уште од најрана возраст.
Законот беше усвоен во декември 2025 година со поддршка од владејачката коалиција составена од ÖVP, SPÖ и NEOS, а за него гласаа и пратениците на десничарската Слободарска партија (FPÖ). Единствено Зелените се спротивставија на мерката, оценувајќи дека таа ги дискриминира муслиманските девојчиња и може да биде во спротивност со Конвенцијата за правата на детето.
Законот предвидува постепена постапка при прекршување на правилата. При првиот случај, училиштето ќе разговара со ученичката и нејзините родители или старатели. Ако забраната повторно биде прекршена, ќе се вклучи надлежната образовна управа, а при ново непочитување на законот може да биде известена и службата за заштита на децата.
Како крајна мерка, за родителите или старателите се предвидени парични казни од 150 до 800 евра. Доколку глобата не биде платена, австриското законодавство предвидува можност таа да биде заменета со затворска казна во траење до две недели.
