Вардар со победа од 2:0 против Арсими го затвори шестото коло во Првата македонска фудбалска лига, а успешното деби на новиот тренер Миодраг „Гроф“ Божовиќ остана во сенка на протестот на навивачката група „Комити“.
Црвено-црните стигнаа до трите бода со головите на Закариќ во првото и Спахиу во судиското продолжение од натпреварот, но главната тема по мечот беше пораката што навивачите ја испратија кон клупското раководство.
„Комитите“ уште пред натпреварот најавија протест против претседателот на клубот Миленко Неделковски, а во текот на мечот повеќепати скандираа „Оди си Миленко“, барајќи негово заминување од Вардар.
Поради случувањата на трибините, натпреварот беше прекинат околу 60. минута и продолжи по пауза од приближно 15 минути. По прекинот, навивачите го напуштија стадионот, испраќајќи јасна порака за своето незадоволство од управувањето со клубот.
На теренот, Вардар беше подобар противник во првото полувреме. Домашниот состав отвори агресивно, со висок пресинг и иницијатива, а водството го обезбеди во 25. минута кога Маневски одлично центрираше од левата страна, а Закариќ ја испрати топката во мрежата на Силјановски.
До паузата Вардар создаде уште неколку добри можности, но резултатот остана 1:0.
Во второто полувреме Арсими заигра поофанзивно и создаде неколку опасни ситуации пред голот на домашните, додека Вардар повеќе се насочи кон зачувување на предноста.
Поради долгиот прекин, судијата Стојчевски го продолжи натпреварот за повеќе од 15 минути, а токму во 90+13. минута Спахиу стави точка на дилемите со погодок за конечни 2:0.
Со оваа победа Вардар ги освои трите бода на дебито на Божовиќ, но вечерта на стадионот на ФФМ ќе остане запаметена и по силната порака што „Комитите“ ја испратија до клупското раководство.
