Десет почесни плотуни ќе бидат испукани вечерва, 7 септември, од касарната „Илинден“ во Скопје, како дел од церемонијалното одбележување на 8 Септември – Денот на независноста на Македонија.
Почесната артилериска стрелба ќе ја изведе единица на Артилерискиот баталјон на Армијата, при што од шест артилериски орудија ќе бидат испукани вкупно десет плотуни.
Пред официјалната церемонија, во 18 часот ќе се одржи пробна артилериска стрелба со еден плотун од истите шест орудија. Поради тоа, граѓаните во делови од Скопје можат да слушнат детонации и еден час пред главниот настан.
Од надлежните информираат дека станува збор за однапред планирана церемонијална активност и дека нема причина за вознемиреност, бидејќи не се работи за вонреден или безбедносен настан.
Артилериската стрелба традиционално се организира во пресрет на државниот празник, со кој годинава се одбележуваат 35 години од референдумот во 1991 година, кога граѓаните се изјаснија за независна и суверена Македонија.
Плотунот претставува истовремено дејствување на повеќе артилериски орудија, поради што звукот може да наликува на серија силни експлозии. Во овој случај, стрелбата ќе се реализира во кругот на касарната „Илинден“.
