Македонската тенисерка Лина Ѓорческа успешно го започна настапот на ВТА турнирот од серијата 125 во Анталија, откако во првото коло ја совлада Србинката Миа Ристиќ со 2:0 во сетови (6:1, 6:3).
Ѓорческа, која неодамна настапи во квалификациите на УС Опен, до победата над седмата носителка на турнирот стигна по 86 минути игра.
Во првиот сет македонската тенисерка одигра одлично и со два брејка поведе со 4:0. И покрај обидите на противничката да се врати во сетот, Ѓорческа во седмиот гем по голема борба и 16 одиграни поени ја искористи четвртата сет-топка и го освои првиот сет со 6:1.
Во вториот сет, Ѓорческа направи клучен брејк во четвртиот гем за водство од 3:1, а потоа сигурно ја задржа предноста до самиот крај и го заврши мечот со уште една убедлива серија.
Турнирот во Анталија се игра за награден фонд од 115.000 долари, а во следното коло Ѓорческа ќе се соочи со Италијанката Аурора Ѕантедески.
