Рускиот претседател Владимир Путин останува на ставот дека Москва нема да прави значајни отстапки во преговорите за завршување на војната во Украина, потврди неговиот помошник Јуриј Ушаков по средбата на Путин со специјалните претставници на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Според Ушаков, Путин и понатаму е решен да ги исполни, како што ги нарекува Кремљ, „воените цели“ и да ги отстрани „коренските причини“ за конфликтот.
Москва останува на позициите што Путин ги изнесе во јуни 2024 година, а кои подразбираат целосно повлекување на украинските сили од регионите Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон, демилитаризација и „денацификација“ на Украина, како и откажување од членство во НАТО.
Институтот за проучување на војната (ISW) оценува дека проценките на Кремљ за состојбата на фронтот се значително пооптимистички од реалната ситуација. Според анализата, руското воено раководство редовно го претставува напредокот како поголем отколку што навистина е, што дополнително го зацврстува уверувањето на Путин дека нема потреба од компромиси во евентуалните мировни преговори.
Од ISW посочуваат дека Русија повеќепати не ги исполнила роковите што самата ги поставувала за целосно освојување на Донецката област. Според нивните проценки, доколку сегашното темпо на напредување остане непроменето, за преземање на преостанатиот дел од регионот би биле потребни уште неколку години.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев се сретна со Виткоф и Кушнер, при што разговарале за можните рамки на иден мировен договор. Темите опфатиле безбедносни гаранции, економска поддршка, територијални прашања, европска воздушна одбрана и енергетската стабилност на Украина.
Зеленски соопшти дека разговорите меѓу Украина, САД и европските партнери ќе продолжат во трилатерален формат.
Американската делегација во Киев пристигна со воз, поради зголемените безбедносни ризици и неодамнешните руски напади во близина на украинската престолнина.
Според американски извори, специјалните претставници изразиле подготвеност повторно да се активира форматот на разговори меѓу Украина, САД и Русија, а се очекува американскиот претседател Доналд Трамп да оствари разговори со Путин и Зеленски.
Во анализата на ISW се наведува дека руските воени цели не се ограничени само на Донбас. Русија продолжува со офанзивни активности и во регионите Суми, Харков и Запорожје, што, според институтот, покажува дека дури и евентуалното освојување на целата Донецка област не би значело автоматски крај на воените операции.
Во исто време, украинските сили продолжуваат со напади врз руската енергетска инфраструктура и позиции на противвоздушната одбрана, додека Русија во текот на ноќта изврши нов напад со повеќе од сто беспилотни летала врз украинска територија.
