Околу 200 учесници и 80 волонтери се дел од второто издание на планинската трка „Голак Треилс“, која денеска се одржува на планината Голак и во Делчево.
Зголемениот интерес од натпреварувачи од Македонија и соседните држави е потврда дека настанот постепено прераснува во традиционална спортска манифестација и значаен настан за промоција на активниот туризам во регионот.
Учесниците имаат можност да се натпреваруваат во две дисциплини – главната трка „Голак Треилс“ на 13 километри и предизвикувачката „Калчовица“ на 33 километри. Дел од програмата е и детската трка во градскиот парк во Делчево, со која организаторите сакаат да ја поттикнат љубовта кон спортот и здравите навики кај најмладите.
Стартот на првата трка е предвиден за 8 часот, додека втората ќе започне во 9 часот. Организаторите ги повикаа граѓаните и посетителите од целиот регион да ги поддржат натпреварувачите и да бидат дел од спортската атмосфера.
По завршувањето на трките, учесниците и посетителите ќе имаат можност да уживаат во забавна програма. По 13 часот ќе настапи рок-бендот „The HаoS“, а атмосферата во текот на денот ќе биде збогатена и со диџеј-програма.
Во пресрет на трката, во градскиот парк во Делчево беа поделени стартните пакети, а организаторите упатија благодарност до локалната заедница, институциите, бизнис-секторот, спонзорите и волонтерите кои помогнаа во реализацијата на настанот.
„Минатата година кога ги делевме стартните пакети кажавме дека голема желба ни е од овој настан да направиме традиција. Еве, сега сме втора година и имаме огромна поддршка, пред сè од нашите Делчевчани“, истакна организаторот Никола Тренчевски.
Тој додаде дека бројката од 200 учесници и 80 волонтери е доказ дека манифестацијата расте и се развива.
„Имаме натпреварувачи од цела држава, но и од соседните држави, што за нас е голема сатисфакција и мотив да работиме уште повеќе и организацијата да ја подигнеме на уште повисоко ниво“, рече Тренчевски.
Второто издание на „Голак Треилс“ уште еднаш го потврдува потенцијалот на Делчево и планината Голак како атрактивна дестинација за љубителите на планинското трчање, спортот и природата.
