Вкупно 27 пожари на отворен простор се регистрирани во Македонија до 07:30 часот денеска, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, два пожари сè уште се активни, три се ставени под контрола, а 22 се целосно изгаснати.
Активни остануваат пожарите во Општина Маврово и Ростуше, на месноста Голем Брдаш, каде гори шумска површина, како и во Општина Шуто Оризари, во Визбегово, зад хотелот „New Star“, каде што е зафатена депонија.
Под контрола се ставени пожарите во Општина Зелениково, над селото Палиград, на потегот Преслап, каде гори мешана шума, како и пожарот во селото Копаница во Општина Сарај, со зафатена нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Под контрола е и пожарот во Општина Струга, каде огнот зафатил подрачја околу селата Пискупштина, Буринец и Локов.
Во изминатото деноноќие се изгаснати уште 22 пожари низ повеќе општини во земјава.
Пожари биле регистрирани во Ѓорче Петров, Студеничани, Сарај, Ресен, Ново Село, Радовиш, Велес, Чашка, Демир Капија, Македонски Брод, Штип, Чешиново-Облешево, Делчево, Пехчево, Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Теарце и Боговиње.
Меѓу изгаснатите пожари има случаи на горење ниска вегетација, грмушки, шуми и депонии. Во Македонски Брод биле регистрирани повеќе жаришта, меѓу кои во Битово и Заград, Белица на месноста Кајорец, како и во Тажево, каде била зафатена борова шума.
Изгаснат бил и пожарот на потегот меѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица во Општина Штип, како и пожарот на градската депонија Острец во Делчево.
Од ЦУК информираат дека состојбата со пожарите останува динамична, а активните жаришта продолжуваат да се следат и да се интервенира според потребите.
