Навивачката група „Комити“ објави дека ќе ги бојкотира сите натпревари на ФК Вардар, најавувајќи дека одлуката ќе остане во сила сè додека актуелната Управа на клубот, предводена од Миленко Неделковски, не поднесе оставка и не замине од раководните позиции.
Од навивачката група информираат дека одлуката била донесена по консултации со сите подгрупи и дека била едногласно прифатена од членовите.
Како главни причини за ваквиот чекор, „Комити“ ги наведуваат, како што велат, „аматеризмот и примитивизмот што владеат во клубот“, но и незадоволството од односот кон навивачите.
Посебно внимание во нивната реакција е посветено на последниот натпревар, за кој тврдат дека обезбедувањето ангажирано од Управата, по наредба на Миленко Неделковски, физички ги нападнало деца од навивачката група и од клубот.
„Комити“ овој настан го оценуваат како „последен срамен чин“ и порачаа дека, според нив, ваквото однесување нема да биде дозволено да се повтори.
Навивачката група најави дека ќе остане доследна на одлуката за бојкот, додека не се исполнат нивните барања и не дојде до промени во раководството на ФК Вардар.
