Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност, а попладне наместа ќе биде нестабилно, соопшти УХМР. Се очекуваат пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално процесите може да прераснат во невреме со силен ветер и појава на град.
Минималните температури ќе се движат од 14 до 22 степени, додека максималните ќе достигнат од 30 до 35 степени.
Во Скопје ќе биде сончево и топло со температура до 35 степени, но во делови од котлината има услови за краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи, силен ветер и град.
Нестабилно време во попладневните часови се очекува и утре, додека до почетокот на следната седмица ќе преовладува сончево и топло време.
Во четврток и петок ќе дува засилен до силен ветер, претежно од северен правец.
