Полицијата уапсила 51-годишен маж од тетовско село, откако бил пријавен дека во алкохолизирана состојба физички ги нападнал својата сопруга и нејзината малолетна ќерка.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил вчера околу 19:40 часот во тетовско село, чиј назив не се открива со цел заштита на жртвите.
Полициски службеници од СВР Тетово – Полициско одделение Теарце, околу 20:00 часот го лишиле од слобода Ј.Б.(51) од селото, постапувајќи по добиената пријава за семејно насилство.
При преземањето на мерките било утврдено дека лицето било под дејство на алкохол. Според МВР, кај него биле измерени 1,85 промили алкохол во крвта.
Од полицијата дополнително информираат дека при постапувањето, осомничениот се однесувал агресивно и не ги почитувал наредбите на полициските службеници.
По целосно документирање на случајот, против 51-годишниот маж ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти МВР.
