Унгарија повторно го блокираше отворањето на кластерите 2 и 3 во пристапните преговори на Украина со Европската Унија. Одлуката беше донесена на првиот состанок по летната пауза на Работната група на Советот на ЕУ за проширување и земјите кандидати за членство.
Според информациите објавени од „Украинска правда“, на состанокот не било постигнат никаков напредок, а ставот на Будимпешта останал непроменет.
„Сè останува непроменето“, изјавил еден од дипломатските извори по состанокот.
Како и на последниот состанок пред летната пауза во јули, Унгарија дала согласност единствено за одобрување на резултатите од скринингот за кластерот 3 за Молдавија, но не и за Украина.
Поголемиот дел од земјите-членки на Европската Унија, предводени од Ирска, која во моментов претседава со Советот на ЕУ, не ја поддржуваат идејата Украина и Молдавија да се третираат одделно во процесот на евроинтеграција.
Следниот состанок на Работната група е закажан за утре, но според најавите, прашањето за Украина и Молдавија нема да биде ставено на дневен ред.
Дипломатски извори наведуваат дека унгарскиот претставник повторил дека Будимпешта ќе дозволи отворање на новите преговарачки кластери само доколку Украина ги исполни обврските од билатералниот договор поврзан со заштитата на правата на унгарското малцинство.
Според истиот став, сè додека не се исполнат овие услови, Унгарија нема да даде согласност за понатамошен напредок на Украина во пристапниот процес кон Европската Унија.
