На првиот ден од новата учебна година, министерката за образование и наука Весна Јаневска упати порака до учениците да го ценат знаењето, но истовремено отвори и тема за еден од најголемите предизвици со кои се соочува државата – намалувањето на бројот на жители и ученици.
При посетата на ООУ „Ацо Шопов“ во Радишани, општина Бутел, Јаневска ги повика најмладите ученици, првачињата, освен да се посветат на учењето, да размислуваат и за иднината на семејството.
„Ако продолжиме вака, ние постојано ќе затвораме училишта. Оттука, можеби порака до првачињата: освен да бараат да стекнат знаење, можеби треба да бараат да стекнат братче или сестриче за овие привремено затворени училишта во иднина повторно да ги отвориме“, изјави Јаневска.
Таа посочи дека оваа порака има цел да ја зголеми свеста кај населението за значењето на човечкиот капитал и потребата од подобрување на демографската слика во земјата.
Според податоците на Министерството за образование и наука, оваа учебна година бројот на првачиња е намален за околу 3.000 ученици во споредба со претходната година, а 26 училишта во руралните средини привремено ги прекинуваат активностите поради недоволен број ученици.
Јаневска нагласи дека државата презема мерки за подобрување на условите во образованието – од реконструкција на инфраструктурата, воведување нова технологија и наставни програми, до обезбедување редовна набавка на учебници и наставни помагала.
„Сè што правиме е многу сериозно – инфраструктура, технологија, нови наставни програми, нови наставни помагала, учебниците се редовно снабдени. Сè со цел да им е попријатен животот на децата во Македонија“, рече министерката.
Таа потсети и на сликовниците за најмладите ученици со наслов „Јас, мама, тато, дада и бато“, кои биле изработени пред две години со цел децата уште од најрана возраст да ја разберат улогата и значењето на семејството.
На темата за демографскиот пад се осврна и премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека намалувањето на бројот на ученици е пред сè последица на демографските промени.
Тој посочи дека во 2025 година во Македонија се родени околу 15.650 деца, што е значително помалку во споредба со периодот пред седум до осум години.
Според Мицкоски, решението за овој проблем бара враќање кон традиционалните семејни вредности и нивно промовирање уште од најмала возраст.
„Семејството не е јас, мама и тато, туку семејството е јас, мама и тато, дада и бато. Тоа е семејство“, порача премиерот.
Тој додаде дека за економски развој и напредок на државата е потребно стабилно семејство и повика и иселениците да се вратат во земјата и да придонесат во нејзиниот развој.
