Два големи американски воено-транспортни авиони утрово околу 7 часот слетаа на аеродромот „Васил Левски“ во Софија, соопшти Министерството за одбрана на Бугарија.
Од бугарското Министерство за одбрана за телевизијата БТВ потврдија дека пристигнувањето е реализирано согласно општо годишно дипломатско одобрение, а престојот на леталата ќе биде привремен.
Станува збор за авиони Локхид Ц-130, транспортни летала со четири турбоелисни мотори, кои се користат за превоз на војници, воена опрема и товар. Овој тип авион е еден од најраспространетите воени транспортни модели во светот и постои во повеќе од 40 различни модификации, со употреба во над 50 држави.
Бугарските власти посочуваат дека американски воени авиони можат да користат и цивилни аеродроми во земјата, но нивното пристигнување се реализира преку дипломатска процедура.
Претходно годинава, на софискиот аеродром беше забележан и американски воено-транспортен авион Ц-17 Глоубмастер, кој исто така пристигнал во рамки на активности поврзани со воената соработка.
Американските воздухопловни сили на 22 август ја напуштија авиобазата „Безмер“, каде што претходно беа распоредени летала за активности што бугарските власти ги опишаа како тренажни летови над територијата на сојузнички држави.
Министерот за одбрана на Бугарија, Димитар Стојанов, тогаш изјави дека летовите не биле поврзани со мисии кон југ и дека Бугарија не учествувала во воени операции против Иран.
Иако од Софија нагласуваат дека нема информации за непосредна закана по националната безбедност, присуството на американски воени авиони во регионот предизвика реакции, особено по предупредувањата што Иран ги упати поради американското воено присуство.
Кон крајот на јули, Народното собрание на Бугарија одобри распоредување на американски авиони и воен персонал во земјата, по барање од САД. Според доставената нота, Вашингтон побара можност за распоредување на до осум авиони и до 250 војници за логистичка поддршка на воени операции на Блискиот Исток.
На крајот, во бугарската авиобаза „Безмер“ беа распоредени два авиони.
Ова не е првпат годинава американски воени летала да престојуваат во Бугарија. Кон крајот на февруари пристигнаа првите авиони, а тогаш беше одобрено присуство на до 15 летала и до 500 американски војници, со рок на престој до крајот на мај. Подоцна, дел од нивниот престој беше продолжен.
