Вишото јавно обвинителство Скопје ја враќа на повторно постапување истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“, откако обвинителката од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Катерина Коларевиќ, претходно донела одлука за нејзино запирање.
Надлежниот обвинител во ВЈО Скопје, Јове Цветановски, го уважил приговорот на АД Електрани на Северна Македонија против наредбата за запирање на истрагата и наложил постапката да продолжи.
Предметот се однесува на кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи против 13 физички и едно правно лице, за сомневања поврзани со злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и перење пари при набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
Од ВЈО Скопје оцениле дека во досегашната постапка постојат слабости во изготвените вештачења врз кои била темелена одлуката за запирање на истрагата.
„ВЈО Скопје го задолжи Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да ја продолжи постапката, при што на надлежната обвинителка во прв степен ѝ се дадени дополнителни насоки за постапување“, се наведува во упатството.
Цветановски побарал да се продолжи со утврдување на сите поединечни дејствија на осомничените, вклучително и да се испита дали и кој презел директни дејствија или дејствија на помагање преку кои ЕСМ, преку користење средства од државниот буџет и повикување на член 23 од Законот за јавните набавки, можело да овозможи имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице.
На обвинителката ѝ е дадено задолжение да прибере и анализира дополнителни податоци од повеќе институции, како и да нареди нови вештачења со цел да се испитаат сите релевантни околности и евентуално да се утврди кривична одговорност.
Случајот се отвора во период кога Цветановски и поранешниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи се соочуваат со друга постапка поврзана со нивното службено постапување.
На 9 септември минатата година беше поднесено обвинение против Хајрулахи и обвинителен предлог против Цветановски. Според обвинителниот предлог, двајцата се товарат како соизвршители за продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според наводите во обвинителниот предлог, во периодот од јануари 2023 до август 2024 година, во ВЈО Скопје, Хајрулахи наводно задржувал примени писмена и барал тие да не бидат заведувани во моментот на приемот, туку со задоцнети и различни датуми, а од службениците барал предметите директно да бидат доделувани на Цветановски.
Обвинителството во таа постапка тврди дека обвинетите ја вршеле својата функција незаконито, пристрасно и субјективно и надвор од рамките на своите надлежности, со намера да овозможат друг да се стекне со имотна корист. Станува збор за наводи од обвинителниот предлог, а конечната одговорност треба да биде утврдена во судска постапка.
Постапката против Цветановски и Хајрулахи, според достапните информации, сè уште нема добиено конечна судска оценка. Во меѓувреме, дел од процесните прашања се разгледуваат и пред Апелациониот суд во Штип.
Повторното активирање на истрагата за набавката на мазутот за ТЕЦ „Неготино“ отвора нова фаза во случајот, а дополнителните вештачења и прибирањето нови податоци треба да покажат дали постојат елементи за евентуална кривична одговорност.
