Софија Сталоне, најстарата ќерка на холивудската ѕвезда Силвестер Сталоне, објави дека се свршила со своето момче Мајкл Шихан. Веста ја сподели на Инстаграм непосредно откако на 27 август го прослави својот 30. роденден, објавувајќи фотографии од романтичното запросување со пораката „Засекогаш со најдобриот пријател“. На фотографиите се гледа дијамантскиот прстен, како и моментот кога Мајкл клечи пред Софија опкружен со бели рози и свеќи.
Меѓу првите кои им честитаа беа нејзините помлади сестри Систин и Скарлет, а честитка испрати и Парис Хилтон. Софија потоа позираше со родителите Силвестер Сталоне и Џенифер Флавин, покажувајќи го свршеничкиот прстен. Сталоне е познат како исклучително заштитнички настроен татко, а неговите ќерки во повеќе наврати раскажувале дека нивните потенцијални партнери биле исплашени од средбите со него. Софија своевремено откри дека татко ѝ за само неколку минути можел да процени дали некоја нејзина врска има иднина, додавајќи дека неговите проценки речиси секогаш биле точни. Судејќи според семејните фотографии и реакциите по свршувачката, Мајкл Шихан успешно го поминал „тестот“ на Сталоне и сега треба да стане негов зет.
