Тројца македонски државјани, едно полнолетно и две малолетни лица, загинаа во тешка сообраќајна несреќа што вчера се случила на автопатот А1 во близина на Унец, Словенија.
Информацијата ја потврди Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, откако Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана добила официјално известување од словенечката полиција.
Според соопштението, во несреќата биле повредени уште две лица кои се наоѓале во возилото, а и тие се македонски државјани.
„До Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е доставено официјално известување од словенечката полиција за тешка сообраќајна незгода што се случила на 27 август 2026 година на автопатот А1, во близина на Унец. Во незгодата животот го загубиле три лица – едно полнолетно и две малолетни лица, државјани на Република Северна Македонија. Повредени се уште две лица кои се наоѓале во возилото и кои исто така се македонски државјани“, наведуваат од МНРНТ.
Од Министерството информираат дека случајот го обработуваат надлежните полициски органи во Копер, а македонската Амбасада во Љубљана е во постојана комуникација со словенечките институции и го следи текот на постапката.
Според информациите од Словенечкиот автомобилски сојуз, несреќата се случила вчера попладне, кога камион поради дефект бил запрен во просторот за запирање покрај автопатот.
Од засега непознати причини, автомобилот во кој се превезувале пет лица удрил во задниот лев дел од приколката на камионот.
Лекарите констатирале смрт кај три лица на местото на несреќата. Едно од тешко повредените лица било пренесено во болница со хеликоптер, додека повредениот возач бил транспортиран со возило на Итната медицинска помош.
Истрагата треба да ги утврди сите околности кои довеле до трагичниот судир.
