Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на Божествената литургија во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка, каде што заедно со бројни верници го одбележа претпразничното чествување на Успението на Пресвета Богородица.
Литургијата ја служеше митрополитот Кумановско-осоговски Григориј, а меѓу присутните беше и поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
По богослужбата, премиерот испрати порака за значењето на духовното и културното наследство, нагласувајќи дека македонските свети места се симбол на верата, традицијата и националниот идентитет.
„Нашите свети места се потсетник на вредностите што нè обединуваат – верата, достоинството, почитта кон минатото и одговорноста кон идните генерации“, порача Мицкоски.
Тој додаде дека обврска на сите е да го зачуваат духовното богатство што им е оставено од претходните генерации.
„Да го чуваме и почитуваме она што ни е оставено во наследство“, истакна премиерот.
Од Кумановско-осоговската епархија посочија дека Мицкоски традиционално присуствува на празничните богослужби во Осоговскиот манастир, оценувајќи дека со тоа се дава поддршка на зачувувањето на духовната традиција и култот кон Свети Јоаким Осоговски.
