Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги засили теренските активности за утврдување на епидемиолошката состојба со болеста западнонилска треска кај живината на целата територија на државата, со лабораториско тестирање на земените мостри од птици при спроведување на надзорот на авијарна инфлуенца (птичји грип) и за утврдување на присуство на антитела на присуство на овој вирус.
Активниот надзор ќе ги опфати одгледувалишта на живина за некомерцијални цели (живина во дворови и селски стопанства), птици кои се чуваат во кафези или друг затворен/ограден простор и одгледувалишта на водени птици во дворови и селски стопанства.
Корисниците на дивечот во ловиштата, зоолошките градини, птици чувани во заробеништво и националните паркови до надлежниот официјален ветеринар или надлежното ветеринарно друштво треба да ја пријават секоја најдена угината дива птица, од кои ќе бидат земени примероци за лабораториско тестирање.
Од тестираните примероци, по пријава на граѓани досега се добиени два позитивни лабораториски резултати – еден кај угината птица пронајдена на подрачјето на Скопје и еден кај птица пронајдена на подрачјето на Ресен, информира АХВ.
