Голема колона возила е забележана утрово на граничниот премин Богородица, на излез од Македонија кон Грција, каде што уште во раните утрински часови е зголемена фреквенцијата на патници.
Според снимка направена околу 6:45 часот, десетици автомобили се наредени во повеќе колони и чекаат за преминување на границата, при што се создадени подолги задржувања.
Очекувано, интензитетот на сообраќајот е значително зголемен поради продолжениот викенд, кога голем број граѓани заминуваат на одмор кон грчкото крајбрежје. Дополнителен притисок врз граничниот премин создава и смената на туристите, што традиционално носи поголем број возила во двата правци.
Надлежните препорачуваат возачите да бидат трпеливи, да тргнат навреме и пред поаѓање да ја проверат состојбата на граничните премини, со цел полесно да го испланираат патувањето.
