Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас и официјално беше претставен како ново засилување на италијанскиот прволигаш Аталанта.
На денешната прес-конференција пред италијанските медиуми, Елмас ги сподели првите впечатоци по пристигнувањето во Бергамо, откако го потпиша договорот со клубот и веќе го имаше своето деби во црно-синиот дрес во Серија А.
Македонскиот фудбалер изрази благодарност до раководството на Аталанта за укажаната доверба и порача дека изборот да дојде во клубот бил лесен.
„Пред сè, би сакал да им се заблагодарам на раководните луѓе на Аталанта за довербата што ми ја укажаа. Не морав двапати да размислувам кога се појави оваа можност бидејќи Аталанта е врвен клуб и тоа го докажа низ годините, вклучително и со освојувањето на Лига Европа. Се надевам дека ќе се покажам во добро светло и ќе ја оправдам довербата“, изјави Елмас.
Репрезентативецот на Македонија нагласи дека неговата предност е универзалноста на теренот и способноста да одговори на различни тактички задачи.
„Во текот на кариерата сум играл во многу различни улоги, па затоа можам да дејствувам на неколку позиции и да се прилагодам секаде каде што е потребно. Најважно е секогаш да се биде подготвен и да се даде сè од себе за тимот“, додаде Елмас.
Елмас зборуваше и за атмосферата во Бергамо, особено за поддршката од навивачите на Аталанта, кои се познати по својата голема страст и верност кон клубот.
„Знам дека навивачите овде во Бергамо се неверојатно страствени. Тоа го сфатив уште кога играв против Аталанта во минатото, а дополнителна потврда за тоа добив на натпреварот пред два дена. Навивачите пеат и го бодрат тимот од првата до последната минута и тие се наше дополнително оружје“, порача македонскиот фудбалер.
Со доаѓањето во Аталанта, Елмас продолжува со настапите во едно од најсилните фудбалски првенства во светот, а од него во Бергамо се очекува да донесе креативност, борбеност и дополнителен квалитет во средниот ред.
