Седумнаесетгодишна девојка од тетовското село Желино е пријавена за исчезната, откако на 24 август го напуштила семејниот дом и не се вратила.
Според информациите од полицијата, исчезнувањето било пријавено во текот на ноќта на 25 август во Полициското одделение Групчин. Нејзиниот татко, 47-годишниот Н.М. од Желино, пријавил дека неговата 17-годишна ќерка А.Н. околу 11 часот на 24 август заминала од дома.
Последниот контакт со семејството бил телефонски разговор со нејзината мајка. Во разговорот девојката кажала дека се наоѓа во Струга, по што нејзиниот мобилен телефон станал недостапен и семејството повеќе не успеало да стапи во контакт со неа.
Засега нема официјални информации каде точно престојувала во Струга, ниту дали била сама или во друштво. Не се познати ниту околностите под кои го напуштила домот.
Од полицијата информираат дека се преземаат сите неопходни мерки и активности за утврдување на нејзината локација и нејзино безбедно пронаоѓање.
Случајот се води како исчезнување, а истрагата продолжува.
