Во Основниот кривичен суд Скопје денеска во 10 часот треба да започне судскиот процес за случајот „Државна лотарија“, во кој обвинети се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште седум лица. Предметот ќе го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.
Доколку рочиштето не биде одложено, постапката ќе започне со воведните зборови на јавниот обвинител, кој ќе ги образложи обвиненијата. Потоа обвинетите ќе се изјаснат дали се чувствуваат виновни, по што свои воведни излагања ќе има и одбраната.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против осум лица, кои се товарат како соизвршители за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинението, во текот на 2023 и 2024 година со своите постапки ѝ нанеле штета на „Државна лотарија“ од 507.632.173 денари, односно околу 8,2 милиони евра.
Првообвинет е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Прпарим Бајрами, кој сè уште е во бегство и по кого е распишана меѓународна потерница. Второобвинет е Артан Груби, кој моментално се наоѓа во куќен притвор.
Меѓу обвинетите е и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски.
Според Обвинителството, спорните дејствија се поврзани со набавката на видеолотариски терминали. Се тврди дека „Државна лотарија“ немала законско право самостојно да приредува електронски игри на среќа преку вакви терминали, бидејќи тоа право претходно било вложено како непаричен влог при формирањето на заедничко друштво со „Касинос Австрија“.
Во текот на истрагата, правната квалификација на делото беше изменета. Наместо првичното сомнение за проневера во службата, обвинетите сега се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување, дело за кое е предвидена максимална казна затвор до пет години.
Од Обвинителството појаснија дека измената е направена врз основа на доказите прибрани во текот на истрагата.
Груби, кој повеќе од една година беше недостапен за македонските органи, се врати во земјата на 23 февруари преку граничниот премин Блаце, по што беше приведен. Наместо затворски, Судот му определи куќен притвор по предлог на Обвинителството.
ДУИ претходно оцени дека постапката против Груби е политички мотивирана и тврдеше дека истрагата не ги потврдила првичните сомнежи.
Со денешното рочиште предметот „Државна лотарија“ влегува во судска фаза, во која Обвинителството ќе треба да ги докаже наводите од обвинението.
