Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека пожарот во реонот на делчевското село Бигла е ставен под делумна контрола, но истовремено избувнал нов голем шумски пожар во општина Пехчево, во близина на границата со Бугарија.
Во своето видео-обраќање Ангелов истакна дека денешната состојба со пожарите е исклучително сериозна, со повеќе од 20 пожари на отворен простор низ државата.
„Пожарот што изби кај селото Бигла е ставен под делумна контрола, благодарение на трите ер-трактори и храбрите пожарникари кои интервенираат од земја“, изјави Ангелов.
Во гаснењето на пожарот кај Бигла биле вклучени пожарникари и мештани од Делчево, Берово, Кочани, Виница и околните места, како и екипи на ЈП „Национални шуми“ и локалната самоуправа.
Во меѓувреме, како што информира Ангелов, бил пријавен нов голем пожар во борова шума на подрачјето на општина Пехчево, во близина на државната граница со Бугарија.
„Пред малку ми јавија за голем пожар во борова шума, блиску до границата со Бугарија. Градоначалникот Китановски веќе е на пат кон местото. Ер-тракторите ги пренасочивме кон овој пожар и ќе се обидеме веднаш да му зададеме почетен удар“, соопшти Ангелов.
Надлежните служби продолжуваат со интервенциите на повеќе локации низ државата, додека високите температури и ветерот дополнително ја отежнуваат борбата со огнената стихија.
