Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, не го криеше разочарувањето по поразот од Хал со 2:0 во првото коло од новата сезона во Премиер лигата.
„Црвените ѓаволи“ одиграа блед натпревар, а новајлијата Хал заслужено стигна до историска победа, прва против Манчестер Јунајтед во Премиер лигата.
Фернандеш истакна дека неговиот тим ги повторил истите грешки од минатата сезона, особено на гостинските натпревари.
„Истата грешка што ја направивме минатата година. На гостувањата му дозволуваме на противникот премногу да ја има топката. Во првите дваесет минути, нашиот голман е играчот со најмногу допири. Треба многу подобро да притискаме, да бидеме поагресивни и подобро да ги браниме прекините за да не примаме вакви голови“, изјави Португалецот.
Тој нагласи дека биле подготвени за опасноста од прекините, бидејќи Хал го сменил системот на игра специјално за овој натпревар.
„Знаевме дека прекините ќе бидат многу важен дел од натпреварот. Хал во подготвителниот период играше со четворица во одбраната, а против нас настапи со петмина и донесе високи играчи токму поради вакви ситуации. Најмногу боли што загубивме. Знаевме дека ќе бидат многу мотивирани и дека гостувањата во Премиер лигата секогаш се тешки. Ни недостигаше интензитет и агресивност“, додаде Фернандеш.
Победата беше историска за Хал, кој првпат го совлада Манчестер Јунајтед во Премиер лигата, и тоа во 11. меѓусебен дуел.
