Големи гужви и повеќечасовно чекање ги пречекале патниците на граничниот премин Табановце, на патот од Северна Македонија кон Србија.
Граѓани на Србија синоќа ги информирале медиумите дека на преминот се создала огромна колона возила, која според нивни проценки била долга повеќе од 15 километри. Сообраќајот, како што велат, се одвивал исклучително бавно, а дел од возачите и патниците со часови чекале да ја поминат границата.
Според сведоштвата на патниците, на одредени делници возилата речиси воопшто не се движеле, а чекањето во колона траело и по неколку часа.
Дополнителен проблем, според нив, претставува и почетокот на примената на системот „Безбеден град“ во Македонија, со кој автоматски се евидентираат и обработуваат сообраќајни прекршоци. Патниците тврдат дека воведувањето на системот предизвикало дополнителни задржувања, бидејќи, според нив, надлежните не биле целосно подготвени за новиот начин на постапување.
Во колоните, според информациите од патниците, имало и голем број семејства со деца, кои подолго време останале заглавени во возилата во тешки услови.
Тие апелираат до сите кои планираат патување преку Табановце да го избегнат овој граничен премин доколку имаат можност, или да го одложат патувањето додека состојбата не се нормализира.
