Поголемиот број возила што денеска се појавија на Граничниот премин Табановце е резултат на почетокот на примената на новиот механизам за постапување со странски возила за кои системот „Безбеден град“ евидентирал сообраќајни прекршоци, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од денеска, при излез од државата преку Табановце, се постапува со возачи на возила со странски регистарски таблички кај кои системот претходно регистрирал сообраќаен прекршок на територијата на Македонија. Во постапката се опфатени и прекршоците што биле евидентирани во изминатиот период.
На возачите им се соопштува дека сториле прекршок, по што им се издава записник и прекршочен платен налог, со можност казната да ја подмират согласно законската процедура.
Од МВР информираат дека преземаат мерки за непречено спроведување на постапката и за намалување на задржувањата на патниците на граничниот премин.
Министерството посочува дека со ова се обезбедува еднаков и неселективен пристап во санкционирањето на сообраќајните прекршоци, без разлика дали станува збор за домашни или странски регистарски таблички.
Во наредниот период, системот „Безбеден град“ за странските возила постепено ќе биде воведен и на останатите гранични премини во државата.
