Чешка го поддржува членството на Македонија во Европската Унија и е подготвена да направи сè што е потребно за земјава што поскоро да стане членка на Унијата, порача денеска заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка, по средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
На пленарната средба во Вила „Охрид“ Мацинка нагласи дека членството на Македонија во ЕУ е приоритет за Чешка и дека земјата е подготвена да го сподели сопственото искуство од пристапниот процес.
Чешкиот министер за надворешни работи порача дека Северна Македонија може да смета на Чешка како пријателска земја и дека Прага ја следи сложеноста на пристапниот процес на земјава.
– Но, морам да ве уверам дека е наша приоритетна цел да ја видиме Северна Македонија во Европската Унија што е можно побргу и сме подготвени да направиме сè што ќе биде потребно. Тоа не е само битно за вас, туку и за нас – рече Мацинка.
Во однос на европската интеграција, министерот Тимчо Муцунски, порача дека таа останува наша стратешка определба и дека земјава е подготвена да ги спроведе реформите и да ги исполни европските стандарди, но очекува процесот да биде кредибилен и предвидлив.
