Денеска и утре се одржува првиот уписен рок за запишување на нови студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје за академската 2026/2027 година.
На 23-те факултети на УКИМ се достапни вкупно 8.851 слободно место за бруцоши, а наставата за новата академска година ќе започне на 1 октомври.
Од вкупниот број места, 4.395 се за редовни студенти финансирани од државниот буџет, 3.621 за редовни студенти со кофинансирање и 835 за вонредни студенти.
Најмногу студенти годинава ќе запишуваат Медицинскиот факултет со 950 места, ФИНКИ со 800, ФЕИТ и Машинскиот факултет со по 600. Голем број слободни места има и на Природно-математичкиот, Економскиот, Правниот, Филозофскиот и Филолошкиот факултет.
Конечната ранг-листа ќе биде објавена на 27 август, додека запишувањето на примените кандидати ќе се реализира на 3 и 4 септември.
Вториот уписен рок е закажан за 10 и 11 септември, а третиот ќе се одржи на 23 септември, доколку на одредени факултети останат слободни места.
Студентите во државната квота ќе плаќаат надоместок од 200 евра во денарска противвредност, додека студентите со кофинансирање и вонредните студенти ќе плаќаат школарина од 400 евра.
Пред пријавувањето, кандидатите задолжително треба да се регистрираат на електронскиот систем www.upisi.ukim.mk, да ја пополнат електронската пријава и добиениот број од системот да го приложат при поднесувањето на документите во службите за студентски прашања на избраниот факултет.
Во конкурсот на УКИМ се наведени условите за упис, потребната документација, начинот на пресметување на бодовите и предметите од државната матура што се признаваат за секоја студиска програма.
