Обвинителството за гонење организиран криминал отвори истрага против уште седум лица за шверц на марихуана од Македонија во Србија, откако новите докази покажале дека во случајот била вклучена поширока криминална мрежа.
Според истрагата, како параван била користена скопска фирма со лиценца за одгледување канабис за медицински цели и производство на екстракти, чии сопственици го организирале преносот на дрогата. Марихуаната најмалку пет пати била пренесувана со камиони, а како покритие биле користени царински декларации за текстил, храна, перници и јоргани.
По преминувањето на Табановце, дрогата била носена во магацин кај Крушевац, каде се препакувала и потоа се дистрибуирала во Белград и во други држави.
Во истиот магацин српските власти пронајдоа пет тони марихуана, а во Србија веќе е поднесено обвинение против шестмина членови на групата.
Во постапката во Македонија, двајца осомничени веќе признале вина и се осудени на затворски казни од три години и шест месеци и три години и осум месеци.
