Во крваво пукање што се случи во неделата вечерта во градот Исла Кристина, во јужна Шпанија, загинаа три лица, меѓу кои бремена жена, нејзиниот син и нејзината мајка, додека четврто лице се бори за живот. Напаѓачот по нападот успеал да избега и по него сè уште трага полицијата, пренесува „Еуроњуз“.
Според шпанските медиуми, вооружен маж пристигнал со мотор до семејна куќа во населбата Росио, отворил оган кон членовите на семејството, а потоа побегнал. Телата на тројцата загинати биле пронајдени на улица, додека повреденото лице е хоспитализирано во критична состојба.
Првичните информации од истрагата укажуваат дека нападот најверојатно е поврзан со долгогодишен конфликт меѓу две семејства, кој започнал во септември минатата година по убиство во Хуелва.
Истражителите наведуваат дека трите жртви биле блиски роднини на осомничениот за тогашното убиство – неговата сестра, мајка и внук.
Во изминатиот период меѓу двете семејства биле регистрирани повеќе насилни инциденти, вклучително и претходно пукање во истата област, поради што полицијата ја разгледува можноста дека последниот напад е мотивиран од одмазда.
Цивилната гарда и локалната полиција спроведуваат обемна потрага по вооружениот напаѓач, кој сè уште е во бегство. На терен се распоредени голем број полициски екипи, а истрагата продолжува.
