Тропските циклони Луис и Мејмеј предизвикаа тешки поплави и свлечишта на Филипините, при што најмалку 23 лица загинаа, а илјадници жители беа принудени да ги напуштат своите домови и да се засолнат во привремени прифатни центри.
Силните дождови предизвикани од циклоните и засилениот југозападен монсун ги поплавија речиси сите поголеми речни корита. Најпогодени се регионите на островот Лузон, како и делови од Висајас, соопшти Националното веќе за намалување и управување со ризици од катастрофи (НДРРМЦ).
Во повеќе области реките за кратко време се излеале од своите корита, блокирајќи патишта и оставајќи цели населени места отсечени. Спасувачките екипи и локалните власти продолжуваат со евакуација на населението, додека илјадници луѓе се сместени во привремени засолништа.
Невремето предизвика и голема материјална штета. Уништени се патишта, мостови и земјоделски површини, а во повеќе региони има проблеми со снабдувањето со електрична енергија и питка вода.
Филипините се една од земјите во светот кои се најизложени на природни катастрофи, со просечно околу 20 тропски бури и тајфуни годишно.
Надлежните служби предупредуваат дека опасноста од нови свлечишта останува висока поради големата количина вода во почвата. Екипите за процена на штетите се на терен, а хуманитарните организации веќе започнаа со доставување помош до најзагрозените семејства.
