Две постари жени го загубија животот, а две бебиња се здобија со полесни повреди во поплави и свлечишта предизвикани од поројните дождови што ја погодија северозападна Шпанија.
Трагедијата се случила во малото село Манзанедо де Валдуеза, во регионот Кастиља и Леон, каде што силните врнежи предизвикале свлечиште и огромен бран вода и кал што се спуштил низ селото.
Според регионалните служби за итни случаи, загинатите жени биле на возраст од околу 60 и 80 години. Првичните информации укажуваа дека едно лице е исчезнато, но подоцна било пронајдено живо и неповредено.
На терен биле ангажирани пожарникари, полиција, медицински екипи и припадници на Цивилната гарда, кои интервенирале веднаш по катастрофата. Локалните медиуми објавија фотографии на кои се гледаат улици покриени со кал и камења, како и возила однесени од силната водена стихија.
Градоначалникот на Понферада, Марко Морала, изјави дека интензивните бури во ридскиот предел предизвикале огромен наплив од вода, кал и карпи, што довело до трагичните последици. Освен Манзанедо де Валдуеза, значителна материјална штета е регистрирана и во соседното село Боас.
