Големиот пожар што синоќа избувна во областа Локва Рогозница во Хрватска во текот на ноќта се прошири кон Омиш, зафаќајќи го подрачјето над градот и приближувајќи се до централното градско подрачје.
Огнената стихија загрози голем број куќи и објекти, поради што дел од жителите и туристите беа евакуирани. Во пожарот изгореа повеќе автомобили и објекти, а причинета е значителна материјална штета.
Според информациите од надлежните служби, во текот на ноќта медицинска помош побарале 43 лица, од кои 14 биле задржани на болничко лекување. Осуммина се наоѓаат во животно-загрозувачка состојба.
Во гаснењето на пожарот се вклучени и припадници на хрватските вооружени сили. Од раните утрински часови на терен дејствуваат противпожарни авиони, а војската учествува во справувањето со огнената стихија во Омиш, Пељешац и Задар.
Ситуацијата дополнително ја отежнуваат тешките услови на теренот, поради што надлежните апелираат граѓаните да ги следат упатствата на службите за безбедност.
Полицијата денеска околу 13:30 часот, при увид на опожареното подрачје, пронашла тело на едно лице. Во тек е и потрагата по 34-годишна жена од Босна и Херцеговина, која исчезнала додека се обидувала да се спаси од огнената стихија.
