НАТО борбени авиони соборија беспилотно летало што навлегло во воздушниот простор на Латвија, соопштија латвиските вооружени сили. Инцидентот се случил во североисточниот дел на земјата, во регионот Балви, во близина на границата со Русија.
Според информациите на латвиската армија, станува збор за странско беспилотно летало, а по неговото откривање биле активирани процедурите за воздушна одбрана. НАТО авиони од мисијата за заштита на воздушниот простор на Балтикот интервенирале и го неутрализирале дронот.
По инцидентот, латвиските власти привремено го подигнале нивото на воздушна готовност во делови од источниот регион на земјата, а подоцна предупредувањето било укинато.
Овој случај е уште еден во низата инциденти со беспилотни летала во воздушниот простор на балтичките земји, кои се членки на НАТО, во услови на зголемени тензии поврзани со војната во Украина.
Латвија и останатите балтички држави во изминатиот период посветуваат посебно внимание на зајакнување на системите за противдронска одбрана поради зголемениот број на нарушувања на воздушниот простор.
