Министерството за внатрешни работи продолжува да повикува на информативен разговор лица од чии профили вчера се повикуваше да не се пие водата во Скопје поради присуство на бактерија. Информациите вчера попладне ги демантираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ЈП Водовод и канализација и Министерството за здравство.
– Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи презема соодветни мерки и активности, се утврдуваат профилите на лицата и истите се повикуваат на информативен разговор. По завршување на истражните дејствија соодветно ќе ја информираме јавноста – соопшти МВР.
Лажните информации за наводно присуство на опасната бактерија Escherichia coli во скопскиот водовод се раширија преку социјалните мрежи и за кратко време предизвикаа страв и паника кај граѓаните. Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на прес-конференција потенцираше дека водата во Скопје е безбедна за пиење и нема никаква ешерихија коли или други бактерии.
Тој нагласи дека станува збор за ширење злонамерни дезинформации и за организиран напад за ширење на хистерија, што, според него е рамно на терористички напад и додаде дека „Водовод и канализација“ и останатите служби, веќе ја расчистуваат депонијата која е на 30 километри од изворот Рашче и која постои 30 години наназад.
ЈП Водовод и канализација попладнето го објави документот во којшто се гледа дека во скопската вода нема Escherichia coli и најостро ги демантираше информациите. Нагласија дека се направени дополнителни анализи и дека водата во Скопје е безбедна и исправна за пиење и употреба.
Според Кривичниот законик креатори на лажни вести поврзани со болест и оние кои свесно ги пласираат во јавноста можат да сносат кривична одговорност.
