И покрај зголемениот број барања за лични документи во текот на летниот период, издавањето патни исправи во земјава се одвива непречено, без подолги рокови на чекање, информира Министерството за внатрешни работи.
Во текот на јули биле поднесени околу 55.000 барања за лични документи, меѓу кои и за патни исправи. Од МВР посочуваат дека во редовна постапка граѓаните термин за поднесување барање добиваат во рок од еден до два дена, додека документите се изработуваат за најмногу седум дена.
Според Министерството, ваквата динамика е резултат на преземените организациски мерки и оптимизацијата на работните процеси. Оттаму оценуваат дека ова е првпат во јули и август, период кога традиционално во земјава престојуваат голем број граѓани од дијаспората, услугите да се обезбедуваат без подолги рокови на чекање.
МВР уверува дека располага со доволно капацитети за да одговори на зголемениот број барања. Во случаи на итни и оправдани причини поврзани со патување во странство, се постапува согласно законските можности за итно издавање патни исправи.
Од Министерството им препорачуваат на граѓаните од дијаспората навреме да ја проверат важноста на своите лични документи. Доколку имаат потреба од нов пасош, препораката е барањето да го поднесат веднаш по пристигнувањето во земјава.
Отсеците за управни работи при МВР од февруари 2025 година работат со продолжено работно време. Во Скопје и Тетово услугите се достапни од 7:30 до 19:30 часот, додека во Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струмица и Штип работното време е од 8:00 до 18:00 часот. Во останатите подрачни единици работното време е приспособено според локалните услови.
Во Скопје, реконструираниот дел од Одделението за управни работи овозможува граѓаните на едно место да ги добијат услугите за пасоши, лични карти, возачки дозволи, уверенија за државјанство и други документи.
Од МВР велат дека целта на реконструкцијата е услугите да се обезбедуваат побрзо и поефикасно, со намалено време на чекање за граѓаните.
