На територијата на Македонија до 7:30 часот утрово се регистрирани вкупно 51 пожар на отворен простор, од кои пет се активни, четири се ставени под контрола, а 42 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Меѓу активните се пожарот над селото Моране, на потегот Вртекица и Рамни Габер во Општина Студеничани, каде што гори мешана шума, како и пожарот кај селото Старо Балдовци во Општина Босилово, каде е зафатена ниска вегетација и шамак.
Активни се и пожарите кај селото Маково во Општина Новаци, кај селото Муждивњак во Општина Крива Паланка и во атарот на селото Лознани во Општина Могила, каде што гори ниска вегетација.
Под контрола се пожарот на градската депонија во Делчево, пожарот кај Ново Село на планината Огражден, пожарот кај селото Манастирско Доленци во Општина Кичево и пожарот кај селото Копанце во Општина Јегуновце.
Во изминатото деноноќие биле изгаснати 42 пожари на различни локации низ државата. Пожари биле регистрирани и во општините Врапчиште, Гостивар, Желино, Тетово, Пробиштип, Штип, Дебар, Дебарца, Ресен, Прилеп, Кривогаштани, Битола, Илинден, Гази Баба, Кисела Вода, Чаир, Зелениково, Сарај, Ѓорче Петров, Шуто Оризари, Македонски Брод, Куманово, Теарце, Центар Жупа, Новаци, Долнени и Липково.
