Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, ќе ја напушти својата функција на крајот на август, соопшти американскиот претседател Доналд Трамп.
Во објава на својата социјална мрежа Truth Social, Трамп наведе дека Ливит донела одлука да се повлече од функцијата за да посвети повеќе време на своето семејство и децата.
„Целосно ја почитувам и ја разбирам нејзината одлука“, напиша Трамп, додавајќи дека Ливит и понатаму ќе остане влијателен глас во Републиканската партија во пресрет на среднорочните избори во САД, кои ќе се одржат во ноември.
Американскиот претседател ја пофали нејзината работа во Белата куќа, истакнувајќи дека одиграла важна улога во неговата политичка кариера уште од 2018 година, како и за време на кампањата за претседателските избори во 2024 година.
„Каролин беше вистински лидер во Белата куќа и заврши феноменална работа во борбата за правда и слобода. Таа беше еден од најдобрите портпароли на Белата куќа во историјата“, напиша Трамп.
