Македонија денеска се соочува со рекорден број пожари за ова лето. До 17 часот се регистрирани 21 активен пожар на отворен простор, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али.
Пожарите се активни во повеќе општини низ државата, при што гори ниска и висока вегетација, шумски површини и земјоделско земјиште.
Според ЦУК, активни пожари има во Македонски Брод, Студеничани, Илинден, Желино, Зелениково, Кичево, Дебарца, Јагуновце, Тетово, Теарце, Гостивар, Чаир, Прилеп, Новаци, Штип, Битола, Центар Жупа, Ѓорче Петров и на повеќе локации во Скопје.
Меѓу најпогодените подрачја се селата Драгов Дол, Моране, Батинци, Чифлик, Строхијадица, Осој, Манастирско Доленци, Климештани, Копанце, Џепчиште, Пршовце, Тополчани, Маково, Врсаково и Драгош.
Пожари се евидентирани и во близина на железничката станица во Ѓорче Петров, како и на улицата „Гоце Делчев“ во Скопје.
„Денеска имаме рекорден број пожари за ова лето. Сите надлежни служби се максимално ангажирани на терен за нивно локализирање и целосно гасење“, изјави директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Од Центарот за управување со кризи повторно апелираат до граѓаните да бидат внимателни, да не палат оган на отворено и доследно да ги почитуваат мерките за заштита од пожари.
