Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Украина им доставила на американските преговарачи нов пакет предлози за можен план за завршување на војната со Русија.
Неговата изјава доаѓа во период кога и Москва и Киев најавуваат дека американски претставници наскоро би можеле повторно да ги посетат двете земји во обид да се придвижат мировните разговори.
„Нашите предлози веќе се доставени до американската страна. Сепак, САД можат дополнително да придонесат за зајакнување на нашата одбрана, пред сè преку испорака на системи за противвоздушна одбрана и со зголемен притисок врз Русија да се насочи кон завршување, а не продолжување на војната“, изјави Зеленски во своето вечерно видео-обраќање.
Украинскиот претседател не откри детали за содржината на предлозите што му биле предадени на Вашингтон.
Американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер последен пат ја посетија Москва во јануари, но досега немаат остварено посета на Киев.
И покрај напорите на Вашингтон да ги оживее мировните преговори, процесот меѓу Русија и Украина и натаму останува во застој.
